Дронови на Безбедносната служба на Украина (СБУ) извршија нов напад врз петрохемискиот погон на „Газпром Нефтехим Салават“ во руската Република Башкортостан, соопшти извор за „Киев Индепендент“. По ударот, во постројката избувнал голем пожар.
Локалните власти го потврдија нападот, а шефот на републиката, Радиј Хабиров, на својот Телеграм канал информираше дека сите служби за итни случаи се на лице место и работат на гаснење на пожарот.
– Сите служби за итни случаи работат на лице место. Пожарот се гаси, а во тек е проценка на обемот на штетата – изјави Хабиров, додавајќи дека засега не се споменуваат можни жртви.
Погонот на „Газпром Нефтехим Салават“ е еден од најголемите руски комплекси за рафинирање на нафта и петрохемиски производи. Таму се произведуваат над 150 различни видови нафтени деривати, меѓу кои бензин и дизел гориво. Локацијата се наоѓа на околу 1.300 километри од фронтот во Украина.
Независниот медиум „Астра“ објави снимки на кои се гледа густ црн облак од чад што се издига од постројката. Според нив, жителите од околината пријавиле „гласни звуци“ непосредно пред пожарот.
Ова не е првпат украинските дронови да го погодат овој објект. На 18 септември истата постројка беше цел на напад. Во последните месеци, Киев значително ги засили нападите врз руската нафтена индустрија, со цел да предизвика затворање на постројки и дополнително да го влоши недостигот од гориво во земјата.
Украина ги смета руските рафинерии и петрохемиски постројки за легитимни воени цели, со образложение дека тие директно придонесуваат за финансирање на руската воена машинерија.