Најголемата ветерна турбина во светот се гради во Шипкау, во германската сојузна покраина Бранденбург, и би можела да ја револуционизира употребата на енергијата на ветерот, објави германски Тагешау.
Според планот централната точка на роторот ќе биде на висина од 300 метри, а неговиот дијаметар ќе достигне дури 365 метри.
Работата на ветерницата започна во јули годинава, а треба да биде завршена за една година до летото 2026 година.
Од компанијата „Џикон“, која ја гради оваа гигантска ветерна турбина во Германија, истакнуваат дека проектот е единствен во светот, поради што се особено внимателни со градежните работи.
-На висина од 365 метри, имаме многу посилен и постабилен ветер, а производството на електрична енергија ќе биде повеќе од двојно поголемо во споредба со стандардните ветерни турбини – вели Јохен Гросман, директор на „Џикон“.
Основната структура, во форма на триаголник, зафаќа ширина од 48 метри и наликува на париската Ајфелова кула. Таквата база обезбедува стабилност и нови можности, така што во иднина ветерната фарма би можела да работи на неколку нивоа, со ветерни турбини со различни висини кои го собираат ветерот во различни слоеви.
– На истата површина, можеме да произведеме многу пати повеќе електрична енергија отколку денес“, додава Гросман.
За реализација на проектот работат искусни работници способни да работат на висина од 300 метри, а повеќето од нив всушност доаѓаат од Турција, бидејќи ги инсталираат турбините на места каде што дури и најголемиот кран не може да помогне, користејќи специјални методи.
Проектот е финансиран преку Федералната агенција за иновации и сè уште е во развој, а изградбата на овој гигант ќе изнесува до 24 милиони фунти. Но, Џикон планира да го искористи искуството за идно сериско производство.
– Очекуваме резултати што досега сме ги виделе само во офшор ветерните фарми. Доколку концептот се покаже како успешен, тоа би можело да биде пресвртница во развојот на обновливите извори на енергија во Германија – вели Гросман.
Шипкау на тој начин станува место на спектакуларна градба и енергетска лабораторија за иднината. Кога роторот ќе почне да работи на висина од 365 метри во 2026 година, ќе се отвори ново поглавје во историјата на користењето на енергијата на ветерот.
Сега најголемата во светот е ветерната турбина во Данска која е висока 271 метар и лансирана во 2022 година, а најмоќната е кинескиот прототип на компанијата „Донгфанг Електрик“ со моќност од 26 MW, инсталирана кон крајот на август 2025 година во тест база во Кина.