Косово нема друга опција освен да го слуша Брисел, дециден беше албанскиот премиер Еди Рама од говорницата во Виена, каде што порача дека без исполнување на барањата на ЕУ, Приштина ќе тоне во изолација.
Рама, на конференцијата „Албанија – нов хоризонт“, го оцени дијалогот меѓу Белград и Приштина како „голем неуспех“, обвинувајќи ги двете страни дека не се поместиле од мртвата точка.
– Тажен сум што нема никаков напредок. Убеден сум дека постои златен пат – изјави албанскиот лидер.
Според него, Косово не смее да се раководи според чекорите на Србија, туку мора да покаже зрелост и одговорност кон сопствениот евроинтеграциски процес.
– Косово мора да ги исполни своите обврски и да ја достави целата тетратка со домашното пред ЕУ. Тоа нема врска со барањата на Србија, туку со она што ЕУ го бара – нагласи Рама.
Тој смета дека ова е единствениот начин Косово да ја избегне дополнителната меѓународна изолација.