Светската здравствена организација (СЗО) реагираше изјвите на американскиот претседател Доналд Трамп кој синоќа на прес-конференција во Белата куќа го поврза аутизмот со употребата на вакцини кај деца и со популарниот аналгетик Тајленол (парацетамол) кај бремените жени.
Според СЗО нема конзистентни докази дека постои врска меѓу употребата на употребата на парацетамол за време на бременост и аутизам. Организацијата во соопштението вели дека вредноста на вакцините што спасуваат животи не треба да се доведува во прашање.
– Знаеме дека вакцините не предизвикуваат аутизам. Вакцините, како што реков, спасуваат безброј животи. Значи, ова е нешто што науката го докажала и овие работи навистина не треба да се доведуваат во прашање – изјави портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ.
Tрамп во понеделникот на прес-конференција со секретарот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор најави дека Администрацијата за храна и лекови (ФДА) на САД наскоро ќе ги извести лекарите дека употребата на ацетаминофен (името за парацетамолот кое се користи во САД), активната состојка во Тajленол, е поврзана со зголемен ризик од аутизам и дека жените треба да го избегнуваат лекот против болки за време на бременоста.
– Сите бремени жени треба да разговараат со своите лекари за повеќе информации за ограничување на употребата на овој лек за време на бременост. Значи, идеално, воопшто не го земате. Но, ако морате – ако не можете да издржите или ако има проблем, ќе завршите со тоа. Друга работа што можам да ви ја кажам е дека можеби ќе ја кажат подоцна. Но, мислам дека кога ќе се одлучите за инјекција, ја примате во период од петпати, ја примате пет или четири пати, но ја земате во помали дози и ја распределувате во текот на неколку години – изјави Трамп.
На истата прес-конференција, секретарот за здравство на САД, и внук на некогашниот претседател Џ.Ф.Кенеди изјави:
– Наредив на HHS да започне голем сеагенциски напор за идентификување на сите причини за аутизам, вклучувајќи изложеност на токсични и фармацевтски агенси.
Кенеди потврди дека ФДА во САД ќе издаде лекарско известување за ризикот од ацетаминофен за време на бременоста и ќе го започне процесот за иницирање промена на безбедносната етикета.
Во меѓувреме, Европската агенција за лекови (ЕМА) и британските здравствени институции, како што пренесува Би-Би-Си, ја потврдија безбедноста на парацетамолот за време на бременост, оспорувајќи го предупредувањето на Трамп.
Медицински експерти силно ги отфрлија тврдењата на Трамп, нарекувајќи ги опасни. Американското здружение на гинеколози и акушери (ACOG) изјави дека врската „не е поткрепена со целокупните научни докази и опасно ги поедноставува сложените причини за невролошки проблеми кај децата“.