Управата за јавни приходи (УЈП) ги повикува сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители заради навремено поднесување и плаќање на обврските по основ на данокот на додадена вредност (ДДВ) за даночниот период 01.08 – 31.08.2025. Крајниот рок за поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавите е 25 септември 2025 година (четврток).
– Бидете одговорни даночни обврзници. Исполнете ги обврските навреме и одржувајте солидна даночна историја, на тој начин избегнувате дополнителни трошоци, камати и санкции – повикуваат од УЈП.
Досега, од очекуваните 7.748 ДДВ-04 пријави, поднесени се вкупно 2.057, што е близу 27% од вкупниот број даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ – 04 пријава.
Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено, за да избегнат стрес и дополнителни финансиски трошоци.
Навременото поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата. Бидете дел од даночните обврзници кои навремено и ажурно ги завршуваат даночните обврски и имаат солидна даночна историја.
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на: info@ujp.gov.mk или на телефонските броеви: 0800 33 000 и 02 3253 200.
Стручните тимови на Управата за јавни приходи стојат на располагање за да обезбедат информации и поддршка со цел успешно исполнување на даночните обврски од страна на даночните обврзници.