Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави нова мерка за поврзување на образованието и безбедносниот систем во државата. На 16-та меѓународна научна конференција „Системска корупција – најголемата безбедносна закана: Безбедносно-стратешки пристапи за решавање на сложените предизвици“, што се одржува во Скопје, тој најави можност за потпишување меморандуми за соработка на МВР со Факултетот за безбедност, како и со други факултети – Правниот, Економскиот и други кои имаат допирни точки со областа на безбедноста.
– Имаме исклучително добра соработка со Факултетот за безбедност и таа е една од клучните соработки кои ги развиваме со високообразовните институции. Согласно новиот Закон за внатрешни работи, ќе можеме со сите универзитети кои таргетираат на безбедноста да потпишеме меморандум, со кој најквалитетните кадри ќе можат да станат дел од безбедносните институции, таму каде што им е местото – истакна Тошковски.
Министерот објасни дека целта е на најдобрите студенти да им се овозможи директен пристап до институции како МВР, а во иднина и во други тела поврзани со безбедноста – АНБ, Царината и слични.
– На ваков начин најуспешните студенти, оние кои дале максимум од себе во текот на студиите, ќе добијат мотив и можност да се вклучат во институциите што се темел на една современа демократска држава – додаде Тошковски.
Тој нагласи дека темата на годинешната конференција е особено актуелна за Балканот, бидејќи системската корупција претставува сериозна безбедносна закана. Според него, со дискусиите и предлозите на експертите ќе се создадат насоки за полесно справување со предизвиците.
На отворањето на конференцијата обраќања имаа и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, проф. д-р Игор Неделковски, како и деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Јонче Ивановски. Своите излагања ги презентираа и експертите од областа: проф. д-р Миодраг Лабовиќ, проф. д-р Углеша Звекиќ од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, и проф. д-р Филип Ејдус од Факултетот за политички науки во Белград.