Ново клиничко испитување покажа дека мала доза на аспирин секој ден може значително да ја намали веројатноста за повторна појава на рак на дебелото црево и ректумот во одредени случаи.
Студијата, предводена од научници од Институтот Каролинска и Универзитетската болница Каролинска во Шведска, вклучуваше 626 лица со стадиум 1 до 3 на рак на дебелото црево или ректумот, со специфични генетски мутации во нивните туморски клетки.
Претходните истражувања сугерираа дека раковите со овие мутации – особено во сигналниот пат PIK3 – би можеле да бидат цел на аспирин, но ова е прв пат хипотезата да се тестира во рандомизирано клиничко испитување, објавува Science Alert.
Лесно достапно и ефтино
Учесниците кои земале аспирин дневно имале до 55 проценти помала веројатност да им се врати ракот во рок од три години, во споредба со оние кои земале плацебо. Во групата со аспирин, ризикот од повторна појава на ракот за време на периодот на набљудување бил 7,7 проценти, додека во групата со плацебо ризикот бил помеѓу 14,1 и 16,8 проценти, во зависност од видот на мутацијата.
„Аспиринот е лек кој е лесно достапен глобално и е екстремно евтин во споредба со многу современи лекови против рак, што е многу позитивно“, вели хирургот од Институтот Каролинска, Ана Мартлинг.
Врз основа на оваа студија и претходните наоди, научниците се сомневаат дека аспиринот делува против ракот на три начина – го намалува воспалението, го ограничува растот на туморот и ја намалува функцијата на тромбоцитите (крвни клетки) што клетките на ракот можат да ги користат како штит за време на ширењето. Исто така, се претпоставува дека аспиринот може да се меша со сигналниот пат PIK3, за кој се смета дека го поттикнува растот на туморот.
Понатамошните истражувања би можеле целосно да објаснат зошто аспиринот го намалува ризикот од повторна појава на колоректален рак.
„Иако сè уште не ги разбираме целосно сите молекуларни врски, наодите силно ја поддржуваат биолошката логика и сугерираат дека третманот би можел да биде особено ефикасен кај генетски дефинирани подгрупи на пациенти“, рече Мартлинг.
Со оглед на тоа што кај 30 до 40 проценти од двата милиони луѓе дијагностицирани со колоректален карцином секоја година болеста ќе се повтори, едноставен начин за намалување на ризикот би можел да спаси многу животи.
Заштеда на ресурси и страдање
Аспиринот со ниска доза веќе е поврзан со други здравствени придобивки, вклучително и намален ризик од повторливи срцеви и мозочни удари. Во исто време, истражувањата покажаа и зголемен ризик од други здравствени проблеми, вклучително и внатрешно крварење.
Добрата вест е дека карциномите веќе рутински се тестираат за клучни мутации, кои сочинуваат нешто повеќе од една третина од случаите на колоректален карцином во оваа студија – значителен број пациенти кои би можеле да имаат корист од насочен пристап.
„Аспиринот се тестира овде во сосема нов контекст како форма на прецизна медицина. Ова е јасен пример за тоа како можеме да користиме генетски информации за персонализирање на третманот, а воедно да заштедиме ресурси и страдање“, вели Мартлинг.