Следуваат законите за плати, мерит-систем и за професионализација

Saso
By Saso
4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Партизацијата, пријателските и роднинските вработувања изминатите 30 години ја доведа администрацијата во ваква состојба, да биде нефункционална, гломазна, бавна и неефикасна, рече денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев, најавувајќи ги новите пакет закони за мерит систем, за плати и за професионализација на државните службеници.

Како што истакна Минчев по потпишувањето на Меморандумот за соработка со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, Владата е силно посветена на департизацијата на администрацијата, но и на нејзино рационализирање, што е и обврска на државата за членство во ЕУ.

– Донесовме пакет од 4 закони кои ги сметаме за чекор напред кон реформите на администрацијата. Еден од нив, за академијата, се однесува на едукација на администрацијата и тоа ќе биде клучен приоритет во наредниот период. Почнуваме не само со едукација на новите вработени во јавниот сектор, туку и со одржување континуитет на знаењето на останатите, кои треба да ги следат модерните трендови и европскиот процес. Крајната цел е да им дадат подобри услуги на граѓаните. Значи, освен департизација, во следниот период почнуваме и нов процес со пакет од 3 нови закони – за висока раководна служба, за плати и за организацијата и работата на органите на државната управа – рече Минчев.

Тој најави широка јавна расправа за законските решенија.

– Мислам дека имаме добра можност да почнеме со минимално кратење на управните и надзорните одбори или со усогласување на бројот на членовите на тие одбори. Секако, ќе следи и спојување на одредени институции во други, со што ќе влеземе во процес кој ни е обврска од ЕУ, а тоа е 40 отсто кратење на буџетските корисници. Сведоци сме дека имаме голем број институции кои имаат по еден или двајца вработени или во минатото се направени за да задоволат нечии политички или партиски потреби. Сето тоа внимателно ќе го разгледаме и се надевам дека во идниот период, низ јавна расправа, ќе дојдеме до најдоброто решение – овие институции да влезат во рамки на другите, за администрацијата да биде помала и поефикасна – подвлече Минчев.

Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер порача реформите да не се сфаќат како обврска, туку како нешто добро за земјата од кое бенефит ќе имаат сите граѓани.

– Процесот на европско приближување е процес на спроведување реформи и трансформација. Но, реформите што ги бара ЕУ не треба да се сфатат како ограничувачки, ниту треба да се сметаат како обврска која треба да се спроведе зашто ЕУ го бара тоа, туку треба да се сфатат како нешто што е добро и позитивно за земјата и од што бенефит ќе имаат сите граѓани – рече тој.

Тој додаде дека Франција одблиску го следи спроведувањето на реформите во земјава. Сепак, амбасадорот не сакаше да даде оценка за тоа каква е моменталната состојба во Македонија и дали има реални шанси за напредок кон европското семејство. Наместо тоа, порача да се причека Извештајот од Европската Комисија за напредокот на земјата, што треба да биде објавен наскоро.

Share This Article