Првоосомничениот за големиот пожар во Трубарево оди во 30-дневен притвор во Шуто Оризари. Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството и на останатите тројца осомничени им одреди мерка куќен притвор.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера информираше дека по анализата на сите докази прибрани во предистрагата, отвори истражна постапка против четири физички и едно правно лице за кривичното дело Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 од Кривичниот законик.
„Обвинителството обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека првиот осомничен, иако формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, сепак реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица. Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање. Затоа во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, соопшти вчера Обвинителството.
Третиот осомничен е овластено лице – раководител на подружницата, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад.
Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос во правниот субјект, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички го обработувал електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
„На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запали. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост“, соопшти Обвинителството.
Оттаму потенцираа и дека продолжува да се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.