Српските власти и руската државна корпорација Росатом почнаа разговори за изградба на нуклеарна централа во Србија, изјави за „Известија“ српскиот амбасадор во Москва, Момчило Бабиќ.
Тој истакна дека може да се очекува напредок во наредните години, пренесоа српските медиуми.
– Сериозно разговараме со Росатом. Не мислам дека има подобра компанија во светот за изградба на нуклеарна централа. Убеден сум дека ќе има напредок во наредните години, бидејќи ни е потребна електрична енергија. Дефинитивно ќе го направиме тоа – рече Бабиќ.
Во ноември 2024 година српскиот Парламент го укина мораториумот за изградба на нуклеарни централи, што беше на сила од 1989 година, по несреќата во нуклеарната електрана Чернобил. Одлуката е донесена бидејќи се проценува дека потрошувачката на енергија во земјата ќе се зголеми четирикратно до 2050 година.
Белград во моментов избира партнер за овој стратешки проект, а освен Русија, според руските медиуми, во игра се и Јужна Кореја, Кина и Франција. Во септември Владата на Србија потпиша два меморандуми за соработка со јужнокорејската компанија KHNP, додека француската EDF беше ангажирана да спроведе студија за потенцијалот на нуклеарната енергија во земјата.
Според „Известија“, која пренeсува изјави на аналитичари, понудата на Росатом се смета за најповолна, бидејќи ги опфаќа сите сегменти – од проектирање и изградба, преку снабдување со нуклеарно гориво, до одржување и отстранување на отпадот. Како можни опции, како што се вели, се разгледува голема електрана со два реактори VVEP-1200 или помали модули од типовите RITM-200 и RITM-400.