Граѓаните од денеска можат да пријавуваат злоупотреби на службените возила за приватни или партиски цели на телефонскиот број 070 399 050 и на електронската адреса prijavizloupotreba@sozr.gov.mk.
Новата мерка е воведена од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) за зголемување на транспарентноста и ставање крај на долгодишната пракса на незаконито користење на државните возила.
Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, изјави дека воведувањето на бројот и мејлот е важен чекор за враќање на довербата кај граѓаните.
– Ги охрабрувам сите граѓани да пријавуваат доколку забележат сомнителна употреба на службените возила. Ние како институција ќе ги проследиме пријавите до надлежните органи, кои ќе постапуваат и ќе изрекуваат соодветни санкции – нагласи тој.
За да се олесни препознавањето на возилата, веќе е започнат процесот на унифицирање со специјални црвени регистарски таблици.
Според Томовски, до овој момент околу 500 возила низ државата веќе се со нови таблици, додека голем број се во постапка. Очекувањата се дека за две недели, кога истекува рокот, меѓу 1.500 и 2.000 возила ќе бидат целосно означени.
– Сме во завршна фаза. За две недели ќе направиме краен пресек и ќе знаеме точно колку возила ќе имаат специјални таблици. Општина Гази Баба е една од првите кои ја спроведе оваа промена, а истата постапка е во тек во повеќе скопски општини, како и во Штип, Велес и Кавадарци – додаде Томовски.
Тој апелираше и до сите институции да го рационализираат возниот парк, бидејќи дел од возилата се нефункционални или непотребни, со што може да се намалат трошоците и да се зголеми транспарентноста кон јавноста.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека промената на специјалните регистарски таблици на службените возила кои што се во сопственост на Општината е вториот чекор кој го презема за спречување на нивната злоупотреба. Првиот, рече, бил поставување на „GPS“ систем за 24-часовен надзор.
– Ова е втор чекор што го преземаме како локална самоуправа со цел спречување на злоупотребите на службените возила за приватни цели. Само што дојдов јас градоначалник поставивме 24-часовен надзорен систем на службените возила, односно поставување на „GPS“ систем со којшто ја следиме траекторијата на службените возила во текот на целиот ден. Ова е втор чекор што го преземаме за комплетно спречување на злоупотребите на службените возила за користење на приватни цели, бидејќи сведоци сме дека во годините наназад голем број на службени возила се користеа за приватни цели, за време на викенди и слично. Сакам да напоменам дека јас како градоначалник користам мое приватно возило за работни обврски и со тоа испраќам порака дека треба да се грижиме за граѓаните и ресурсите со кои што располагаме – посочи Стефковски.