Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска пристигнува во дводневна државна посета на Велика Британија со многу фанфари и церемонии, за што се спроведува голема безбедносна операција во земјата, како и други подготовки.
Персоналот на замокот Виндзор ја поставува масата од махагони, се полираат копитата на коњите што ќе ги влечат кралските кочии, а воената почесна гарда е обучена прецизно да го направи секој чекор. Сè е подготвено кралот Чарлс да го угости претседателот Трамп на неговата втора државна посета – со тијари, дувачки оркестри и со банкети, а со цел зајакнување на врските во време на тензии околу трговијата и безбедноста, пишува Мирор.
Специјализирани полицајци го претресоа замокот Виндзор, каде што Трамп и неговата сопруга Меланија ќе ја поминат ноќта. Тоа е дел од безбедносна операција вредна повеќе милиони фунти, која се подготвуваше со месеци.
Виндзор е претворен во тврдина, а полициски службеници од цела Велика Британија се распоредени за да создадат „челичен прстен“ околу кралскиот град.
Вооружена полиција, кучиња трагачи, коњанички патроли и поморски единици се во состојба на готовност. Беспилотни летала ќе го следат небото, а воздушниот простор е затворен.
Барикади се поставени по главните патишта и пешачките патеки, ограничувајќи го јавниот пристап до големи делови од Виндзор. Шефовите за безбедност велат дека обемот на операцијата е споредлив таа за време на крунисувањето на кралот.
Илјадници британски полицајци ќе бидат на должност заедно со агентите на американската тајна служба поради безбедносните грижи по убиството на блискиот сојузник на Доналд Трамп, Чарли Кирк, во среда вечерта.
Трамп ќе се вози во познатата оклопна лимузина „ѕвер“ и ќе лета со својот личен хеликоптер „Марин Уан“.
Тој ќе патува во огромна поворка која веројатно ќе брои повеќе од 20 автомобили и ниту еден безбедносен детал нема да биде занемарен. Се верува дека во конвојот ќе има возила со електронска одбранбена технологија, единица за опасни материјали и со сателитски комуникации. Дополнително, веројатно ќе има амбулантни возила и извидници кои ќе го проверуваат теренот пред да помине претседателот. Се очекуваше возилата да бидат донесени во Велика Британија со авиони на американските воздухопловни сили, а американските хеликоптери наводно слетале во базата на Нортхолт.
„Како таа стара шега – циркусот доаѓа во градот – и така ќе изгледа. Британците сакаат добро да се грижат за безбедноста, но тивко и ненаметливо. Американците сакаат да се фалат и веднаш да се фалат. Ќе преплават сè каде и да одат“, изјави за Телеграф Ник Алдворт, поранешен национален координатор за борба против тероризмот на Велика Британија.
Безбедноста е одговорност на Министерството за внатрешни работи, кое мора да соработува со Американците, а едно од прашањата за кои мора да се договорат е дозволата телохранителите на Трамп да носат оружје.
Исто така, вообичаено е американските агенти да ја следат британската полиција и да бидат подготвени да одговорат во случај на инцидент.
– Ќе има писмен договор и многу јасна документациска трага во случај нешто да се случи и некој отстапи од договорот – вели Вил Гедис, консултант за безбедност и телохранител.
Тој исто така верува дека единицата за брза реакција на британските специјални сили би можела да биде во состојба на готовност.
– Постои домашна терористичка закана, закана од исламистички екстремизам, анти-Трампови демонстранти и оние кои би можеле да направат некоја глупава трик за публицитет. Нешто би можело да се случи надвор од полицискиот кордон, што би им наштетило на луѓето што доаѓаат да го видат спектаклот – напаѓач кој прободува луѓе или уред на некој спомени – рече Гедис.
Персоналот за безбедност ќе вклучува експерти за однесување кои бараат луѓе што се однесуваат сомнително, воздухопловни единици подготвени да фрлат јажиња и полициски снајперисти. Доколку е потребно, ќе се користи технологија за контранадзор за блокирање на интернет, телефонски сигнали и радиофреквенции во случај неовластени дронови да добијат инструкции.
Американскиот претседател ќе биде пречекан од кралот Чарлс и кралицата Камила со свеченост, вклучувајќи поворка со кочии, топовски оган и раскошен државен банкет во салата „Свети Ѓорѓи“.
Тој, исто така, ќе положи венец на гробот на кралицата Елизабета Втора, како симболичен гест на почит.
Подоцна ќе следи прелет на „Црвените стрели“ и британските и американските воени борбени авиони Ф-35 над источниот тревник на замокот Виндзор.
Во четврток, Трамп ќе отпатува на разговори со британскиот премиер Кир Стармер.
Двајцата лидери веројатно ќе разговараат за војната во Украина, хуманитарната криза во Газа и загриженоста на САД за пристапот на Велика Британија кон слободата на говорот.
Во исто време, се очекуваат протести против Трамп низ цела Велика Британија, вклучувајќи демонстрации „Трамп не е добредојден“ во центарот на Лондон, планирани од коалицијата „Стоп Трамп“.