Во Македонија дрогата и нелегалното оружје немаат иднина, порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по уништувањето на запленети дроги и оружје во кругот на фабриката „Макстил“.
Со процесите на уништување на секој грам дрога и секое парче оружје државата покажува оти безбедноста на граѓаните и безбедноста на младите се крева на едно повисоко ниво, порача Тошковски.
Во денешната акција, додаде тој, унуштени се над 4.000 тони марихуана, 18.000 стебла марихуана, 79 килограми цвет и над 21 килограм други видови дрога, амфетамини, кокаин, хероин… Министерот информираше и дека се уништени над 100 парчиња оружје и над 1.000 парчиња чаури и останати компоненти од оружје.
– Овие се постари дрога и оружје, собрани во претходните години, каде што има завршено правосилни постапки. Во иднина ќе следат уште многу поголеми количини – рече Тошковски.
Тој им порача на граѓаните кои изминатиот период биле подложни на одредени криминални банди во реоните на Скопје, западна Македонија и во југоисточниот дел на државата, дека со нивното апсење се запленети одредени количини нелегална дрога и оружје, кои во иднина ќе бидат уништени.