Драмата на Нетфликс „Адолесценција“, која стана втора најгледана мини-серија досега, денес освои шест награди за телевизиска продукција, а британскиот актер Овен Купер (15) стана најмладиот машки победник, објави денес Би-Би-Си.
На само 15 години, Купер беше награден за неговата улога како ученик обвинет за убиство на соученичка.
„Адолесценција“, според Меѓународната академија за телевизиски уметности и науки, освои награди за мини-серија, режија и сценарио, а исто така освои и три награди за глума.
Во својот говор, Купер го нарече искуството „толку надреално“.
– Кога почнав да посетувам часови по драма пред неколку години, немав поим дека ќе бидам во Соединетите Држави, а камоли тука. Мислам дека вечерва е доказ дека ако слушате, се фокусирате и излезете од вашата зона на удобност, можете да постигнете сè во животот. Кому му е гајле ако се посрамотиш? Сè е можно. Пред околу три години, не бев ништо, а сега сум тука, рече Купер.
Купер го сруши рекордот што претходно го држеше Скот Џејкоби, кој имаше 16 години кога освои Еми во 1973 година за филмот „Тоа одредено лето“ (That Certain Summer).
Драмата во четири дела ја освои и наградата за најдобра мини-серија, како и награди за режија и сценарио, при што Ерин Доерти ја освои наградата за најдобра споредна женска улога, додека Стивен Греам освои две награди за сценарио и глума во мини-серија.
Драмата „Питс“ освои три награди, вклучувајќи најдобра драмска серија и две награди за глума, а Ноа Вајл беше прогласен за најдобар главен глумец во драма, негова прва победа на Еми по повеќекратните номинации за серијата „Итна помош“.
Комедијата „Студио“ на Apple TV+ стана најнаградуваната комедија досега во една година на доделувањето на наградите „Еми“, а со победите на доделувањето на наградите за креативни уметности минатата недела, го сруши и рекордот за најмногу победи во првата сезона со 13 трофеи.
Серијата вчера беше прогласена за најдобра хумористична серија, додека Сет Роген освои награди за најдобар актер, сценарист и режисер на хумористична серија.