Повеќе од 200.000 Палестинци се убиени или ранети во конфликтот во Појасот Газа, што претставува околу 10 отсто од населението, изјави поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија, Херци Халеви, пренесува „Гардијан“.
Халеви, кој ја водеше израелската армија во првите 17 месеци од војната што трае речиси две години, излезе со проценка која е блиска до податоците на Министерството за здравство во Газа.
Според официјалните податоци, во Газа се убиени 64.718 лица, а 163.859 се повредени. Се стравува дека бројот на жртвите е уште поголем, бидејќи многу тела и натаму се под урнатините.
Министерството за здравство во Газа не прави разлика меѓу цивили и борци, но документи од израелската разузнавачка служба што протекоа во јавноста во мај укажуваат дека повеќе од 80 проценти од жртвите се цивили.
Иако израелските власти ги отфрлаат овие бројки како „пропаганда“, меѓународни хуманитарни организации сметаат дека тие се точни.
Халеви нагласи дека во текот на неговото раководење на армијата им било наредено да постапуваат во согласност со меѓународното хуманитарно право.
– Правните советници имаа задача да ја убедат меѓународната јавност во легалноста на воените операции – изјави тој.
фото: EPA-EFE/HAITHAM IMAD