На превозниците од земјите од Западен Балкан и Турција им е ветено дека проблемите што ги имаат во рамките на Европската Унија во врска со статусот на возачите и правото на работа ќе бидат решени до почетокот на октомври кога стапуваат на сила новите правила за влез и престој во земјите од Шенген зоната.
Ова за босанските медиуми го потврди главниот координатор на конзорциумот „Логистика БиХ“ Велибор Пеулиќ кој тврди дека им е ветено од Европската Унија дека проблемот ќе се реши до 1 октомври.
Тој очекува спроведувањето на договорот AET (правила часовите, паузите и одморот на возачите) да започне на 1 октомври.
-Ќе се сретнеме со претставници на Европската комисија во Белград на 10 септември и ќе им презентираме што значи 60 милиони тони стока дневно. Според сите сигнали што ги имаме, ќе се почитува правилото на договорот AETR. Значи, според тој договор, возачите од Босна и Херцеговина би можеле да останат 2.160 часа во ЕУ во однос на престојот, а одморот ни е доволен бидејќи не надминуваме 1.000 часа за 6 месеци. Очекуваме примената да започне од октомври, за да се знае дека возачот е вработен во транспортна компанија од Босна и Херцеговина, а не турист или терорист – објасни Пеулиќ.
Тој потсети дека во договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија е напишано дека елиминирањето на секаков облик на дискриминација ќе се спроведе откако државата ќе го потпише тој договор, а Босна и Херцеговина го потпишала тој договор.
Дека се очекува решение на проблемот потврдуваат и македонските превозници кои речиси две години заедно со сите превозници од Западен Балкан на претставниците од ЕУ им докажуваат дека возачите не се туристи туку работници и поради тоа не може нивниот престој да биде ограничен и да се третира како на останатите граѓани.
-На 10 септември во Белград се одржува состанок на Транспортната заедница на која ќе учествуваат претсставници од Европската Унија, министри за транспорт од регионот и претставници на транспортните организации од регионот. Очекуваме ова прашање да биде разгледано и да се понуди решение. Но додека не се донесе поволна одлука за проблемот не можам да кажам дека нешто е договорено и од кога тој договор ќе важи – вели Билјана Муратовска од Макамтрнас.
Таа додава дека напоредно со решението кое се бара на регионално ниво во земјава се прават напори тоа да се реши и преку директни контакти на Министерството за транспорт и коморите.
Проблемот, според податоците на главниот координатор на конзорциумот „Логистика БиХ“ Велибор Пеулиќ ги засега возачите кои возат 3,5 милиони камиони низ Европа секој ден, превезувајќи 60 милиони тони товар.
фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV