Бугарија сменила 2 верзии за проблемите на авионот на Урсула фон дер Лајен за само неколку часа, анализира „Политико“. Останува прашањето – дали навистина бил попречуван ГПС сигналот на првата жена што раководи со Европската комисија при слетувањето во Пловдив?
Утрото, бугарскиот премиер Росен Желјасков изјави дека станува збор за „делумен прекин на сигналот“, вообичаен во урбани средини. Тоа го потврди и министерот за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов:
– Според евиденцијата на нашите агенции, не постои ниту еден факт што би го поткрепил тврдењето за пречки на ГПС сигналот што влијаел на авионот – рече Караџов за bTV.
Но веќе попладне, Желјасков ја ревидираше верзијата и отвори можност за електронско војување:
– Имаше конфузија на информациите… што беа толкувани на начин што имаше за цел да им наштети на бугарските институции – изјави премиерот.
Тој додаде дека, иако копнените инструменти не регистрирале пречки, можности за различни податоци од уредите на самиот авион се откриваат. Затоа наложил дополнителна проверка на инструментите и компјутерите на леталото.
Информацијата за наводен руски хибриден напад врз ГПС системите на авионот прв ја објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на воздухопловните власти во Пловдив. Според медиумот, авионот кружел еден час и слетал откако пилотитие морале да се снаоѓаат со хартиени мапи за координатите.
Брисел побрза да ја обвини Русија за „очигледно мешање“.
Но, податоците од познатиот сајт за следење летови Флајтрадар24 сугерираат дека сигналот не бил целосно изгубен, а слетувањето било по 9 минути, далеку од драматичниот опис на воздухопловните власти во Пловдив. Во објава на Икс сервисот тврдеше дека „преносникот на авионот пријавил добро квалитет на GPS сигналот од полетување до слетување“.
Портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста, во Брисел истакна:
– Бев многу јасна дека немаме информации во оваа смисла. Но, ова е проблем што постојано се случува и затоа е важно да се справиме со него заедно со земјите‑членки – рече таа.
Инцидентот предизвика реакциja и од генералниот секретар на НАТО Марк Руте кој изјави дека Алијансата деноноќно работи да им застане на патот на ваквите напади и да спречи истите да се повторат.