Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека останува посветен на постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина и покрај растечката неизвесност околу изгледите за разговори лице в лице меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави CBS News во четврток.
„Го следам тоа, го гледам тоа и разговарам со претседателот Путин и претседателот Зеленски за тоа“, рече Трамп во телефонско интервју за CBS News во среда.
„Нешто ќе се случи, но тие сè уште не се подготвени. Но нешто ќе се случи. Ќе го направиме тоа.“
Трамп во среда изјави дека планира да одржи разговори за војната во Украина во наредните денови откако неговиот самит со Путин во Алјаска во август не постигна напредок. Претставник на Белата куќа изјави дека се очекува Трамп да разговара со Зеленски по телефон во четврток.
Путин, исто така, изјави во среда дека е подготвен да се сретне со Зеленски ако украинскиот претседател дојде во Москва, но дека секој таков состанок мора да биде добро подготвен и да доведе до опипливи резултати. Министерот за надворешни работи на Украина го отфрли предлогот Москва да биде место за таков состанок.
Зборувајќи за неодамнешниот напад на Русија врз Украина, во кој загинаа 15 лица, Трамп изјави за Си-Би-Ес њуз дека е незадоволен од ситуацијата, но ќе продолжи да се залага за мировен договор. Тој нагласи дека мисли дека сè ќе се реши, но дека преговорите со Русија не се едноставни. „Искрено, мислев дека оној со Русија ќе биде полесен од оние што ги запрев, но се чини дека е нешто што е малку потешко“, рече тој.
Трамп е фрустриран од неговата неспособност да ги запре борбите, кои започнаа со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, откако првично предвиде дека ќе може брзо да ја заврши војната кога ја презеде функцијата во јануари.