Почитувани сограѓани,
Отчетот кон Вас не е само збир на бројки и проекти, туку е одраз на заедничката работа, посветеност и напредок што го постигнавме во изминатите четири години.
Секоја страница сведочи за исполнетите ветувања и зацртаната визија за подобар живот во нашата општина.
Горд сум на секое реализирано дело – од изградбата и реконструкцијата на нови училишта и градинки, преку подобрувањето на патната инфраструктура, до инвестициите во спортските објекти и спортот, културата, животната средина и се она што значи подобри услови за живот.
Овие успеси се резултат на нашата заедничка енергија, транспарентност и одговорно управување.
Но, нашата мисија не завршува тука. Ова е само почеток. Пред нас стојат нови предизвици и уште поголеми цели.
Заедно да продолжуваме да градиме посилна и поубава иднина за сите нас.
Во изминатите четири години силно бевме посветени на одржување, унапредување и развој на сообраќајната и комуналната инфраструктура. Асфалтирани се 30 километри улици и краци во вкупна вредност од повеќе од 300 милиони денари. Реализиравме значајни инфраструктурни проекти на целата територија на Општина Охрид. Асфалтирани се нови улици, реконструирани се постојни сообраќајници, додека паралелно се работеше на изведување на нови водоводни и канализациони линии, односно проекти кои што директно го подобруваат секојдневието на нашите сограѓани. Исто така силно бевме посветени и во образованието. Каде што реализиравме проекти кои децении наназад биле насушна потреба за охриѓани.
За четири години успеавме за прв пат после неколку децени да обезбедиме нова училишна зграда за ОУ „Кочо Рацин“, опремена со најмодерна опрема и технологија. Изградивме спортска сала во селото Лескоец која ќе функционира во рамки на ОУ „Ванчо Николески“. Покрај овие капитални проекти во образованието извршивме реконструкција на речиси сите училишта од средно и основно образование и континуирано инвестиравме во подобрувањето на условите во детските градинки преку реконструкција на објектите, набавка на нова опрема за кујните и занималните.
Би сакал да го издвојам и проектот „Ohrid Go“ проект изработен од Општина Охрид, а финансиран од Европската унија во износ од нешто повеќе од 700 000 евра. Главната нишка на проектот е санација на традиционално запуштениот простор на поранешната воена касарна, кој од локалната самоуправа е идентификуван како област со огромен потенцијал за одржлив развој, што е стратешки важно за идниот развој на Охрид. Во рамки на овој проект се изгради рекреативно авантуристички парк за деца и возрасни, памп уп трака за велосипеди и се работи на етаблирање smart hub. Во моментов во завршна фаза е и физибилити студијата за просторот од поранешната касарна со која ќе добиеме јасни насоки за понатамошен развој на просторот. Тука сакам да напоменам дека Општина Охрид е една од ретките општини кои поранешната касарна ја развива на овој начин, односно без преадаптација на просторот за колективно домување. Дополнително со проектот се набавија и 25 електирчни велосипеди со 5 паркиралишта кои ќе се постават низ градското подрачје за полесно движење на туристите и 7 електрични возила кои ќе се употребуваат за транспорт на патници во Стариот дел на градот.
Во рамки на социјалната заштита реализиравме покрај другото и два клучни проекти и тоа игротека за лица со попреченост која прерасна во дневен центар и дневен центар за стари лица. Во овие 4 години силно ги поддршавме и останатите центри за лица со попречености, обезбедивме еднократка финансиска поддршка за згрижувачки семејства, стипендиравме ученици, студенти, магистри и докторанти кои се лица со ретки болести и посебни потреби. Обезбедивме и образовен додаток за студенти кои студираат надвор од Општина Охрид и обезбедивме средства за доделување на еднократна парична помош.
Доста активни бевме и спортот. Континуирано создававме услови за спортување на сите генерации, за правилен физички развој на младите, преку изградба, реконструкција и опремување на спортските сали, фудбалски игралишта, организирање и поддршка на настани и активности како и поддршка на талентирани спортисти. Ова сето е трајна определба на Општина Охрид во сферата на спортот.
При преземањето на Локалната самоуправа ветивме дека посветено и недвосмислено ќе се грижиме за потребите на младите. За таа цел отворивме Младински центар во Охрид, кој за прв пат се отвори во Општина Охрид. Со тоа Охрид прерасна во позитивен пример бидејќи има успешна реализација на овој проект и особено сум горд што овој Центар прерасна во место исполнето со позитивна енергија и место кое дава голем придонес во креирањето и имплементацијата на младинските политики во Охрид . Од тука произлегоа голем број младински иницијативи и проекти кои со гордост ги поддржавме. Покрај овој центар во рамки на Општина Охрид функционира и Локален младински совет. Поради овие проекти во 2023 година Општина Охрид беше посочена како позитивен пример за имплементација на младинските политики на локално ниво на Регионалната конференција за младински политики организирана од страна на УНДП.
Охрид како културен центар продолживме да го надградуваме и културно издигнуваме. Во оваа прилика би го издвојл проектот кој остава посебен впечаток и наиде на голема поддршка кај граѓаните, а тоа е проектот „Културата расте со децата – За сите деца“. Во рамки на проектот Општина Охрид подготви богата културно – забавна програма посветена на најмладите од 3 годишна до 10 годишна возраст. Проектот започнува да се реализира секоја година во месец Април и завршува во месец Декември со одбележувањето на Недела на детето. Во овој временски период секој петок на различни локации низ градот се прикажуваат едукативни театарски претстави, мјузикли, концерти од детски музички фестивали, работилници за личен развој, книжевни хепенинзи, саеми на литература за деца, филмови наменети за деца и други едукативни содржини. Ги одбележавме сите значајни јубилени на истакнати личности од градот и светски денови. Оддадовме признанија за истакнати охриѓани кои преку нивната уметничка работа дадоа голем придонес во развојот на културата. Таков пример беше одбележувањето на 55 годишнината од творештвото на ликовниот уметник Јордан Манасијевски, 60 години од смртта на Садило, 100 години од раѓањето на Вангел Наумоски и сл. Преку програмата за култура во делот на издавачката дејност се реализира проектот дигитализација на „Едицијата охридско книжевно наследство“ каде беа опфатени 11 книги. Извршивме и дигитализација на споменици и спомен обележја, односно се изработи дигитална мапа која содржи четири категории и тоа: Споменици на природата, Христијански споменици, Споменици на лица од 19-20 век и Спомен куќи и спомен плочи. Особено ме радува успешната организација на трите фестивали кои ги организираме „Ohrid Wine Festival“ кој се организира на почетокот од летната туристичка сезона, „Ohrid Water Festival“ кој е спој на спортско – рекреативен сегмент и социјално – едукативен и Џез фестивалот.
Во насока на туризмот започнавме со поставување на унифицирани реклмани паноа низ Охридската чаршија и улицата „Св. Климент Охридски“. Субвенциониравме традиционални занаети, односно занаетчии кои го враќаат духот на Охридската чаршија.
Во изминатите четири години работевме напорно за финансиска стабилизација на Општина Охрид и паралелно реализиравме голем број проекти. Тоа значи од 10 приоритени проекти ветени во предизборната програма завршени или во тек на реализација се 8, додека за останатите два се врши преадаптација на проектот поради поголема безбедност на граѓаните и се чека изгласување на Закон кој е неопходен за понатамошна реализација.
Можам да кажам дека сум благодарен на мојот тим што во изминатите четири години успеавме да ја реализираме во најголема мера мојата предизброна програма која беше доста обемна. За крај сакам да ги посочам и проектите кои се одобрени и ќе бидат финансирани од Владата согласно повикот за проекти. Во нив Охрид добива:
Изградба на Катна гаража во Општина Охрид
Реконструкција на линиски инфраструктурен објект кој ги поврзува село Велгошти со село Лескоец
Реконструкција на дел од улица Даме Груев од кружна крстосница улица Јане Сандански со Питу Гули до пресек со булевар „Туристичка“.
Реконструкција на линиски инфраструктурен објект на дел од улица „7ми Ноември од кружна крстосница „Охридска Банка“ до пресек со улица „Егејска“
Реконструкција на линиски инфраструктурен објект населба „Бараки“
Реконструкција на потег дел од улица Петрино до пресек со улица Караорман село Лескоец
Проект за употреба и одржување на урбан простор и парк на дел од „Кеј Македонија“
Реконструкција на линиски инфраструктурен објект локален пат за село Завој
Реконструкција на линиски инфраструктурен објект улица во село Долно Лакочереј крак 2
Проект за линиски инфраструктурен објект локален пат од село Лескоец до село Горно Лакочереј
Реконструкција на линиски инфраструктурен објект за постоечки локален пат од камо Љубаништа до главен пат
Реконструкција на линиски инфраструктурен објект за дел од улица Кленоец и дел од улица Петрино
Реконструкција на линиски инфраструктурен објект на дел од улица „Партизанска“ – населба Охридати.
Реконструкција на улица во село Пештани;
Реконструкција на улица во село Подмоље;
Реконструкција на улица во село Долно Лекочереј;
Реконструкција на водоводна линија на улицата „Кленоец“ ЛТХ „Леарница;
Реконструкција на пешачки улици во рамките на градските гробишта во Охрид;
Реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црквата „Свети Атанасиј“;
Проект за замена на постоечка опрема во пумпна станица „Метропол“;
Реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан“;
Рехабилитација на дел од локален пат за село Куратица.
Убеден сум дека заедно со иста динамика на моменти можда и позасилена динамика ќе продолжиме да создаваме за нашиот Охрид.