Венецуелскиот претседател Николас Мадуро објави општа мобилизација на милиција откако Белата куќа се закани со можна воена акција против Каракас.
– Сметав дека е потребно и навремено овој викенд да спроведеме попис и да ги повикаме сите милиции, резервисти и граѓани, мажи и жени, кои сакаат да му кажат на империјализмот: „Доста со закани“ – рече Мадуро.
Пописот и мобилизацијата ќе се спроведуваат преку воени единици, локални штабови и централни градски плоштади како дел од „Планот за заштита на суверенитетот и мирот“, кој вклучува проширување на народната милиција, цивилна одбрана и борба против психолошката војна.
Тензиите меѓу Каракас и Вашингтон ескалираа откако портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека претседателот Доналд Трамп е подготвен да „ги употреби сите ресурси“ во борбата против нарко-картелите, вклучително и воена интервенција во Венецуела.
Мадуро рече дека меѓународното право забранува употреба на сила против суверени држави, а Каракас доби поддршка од Русија, Кина, Иран и членовите на Боливарската алијанса, која ги осуди заканите од САД.