Се работи на сет на мерки што ќе дадат придонес долгорочно да се држи степенот на инфлација на пригодно европско стандадрно ниво, најави заменик министерот за економија и труд Маријан Ристески. Во нивната изработка покрај Министерството за економија и труд се вклучени и сите релевантни институции како што се Министерството за земјоделство, Царинската управа, Министерството за финансии и Народната банка.
– Се прават големи анализи за заштита на животниот стндард, односно за цените поврзани со исхраната. Врз основа на тоа очекуваме во иднина да се донесат поквалитетни мерки од Владата, бидејќи за долгорочни мерки е неопходна опсежна анализа, која се прави во моментов. Сакаме да направиме поодржлива рамка за заштита на животниот стандард која би била долгорочна. Гледаме дека во одредени сегменити на храна има манипулации и изигрување на пазарната логика. Таму каде што анализите ќе ни покажат дека има такви манипулации ќе одиме со мерки кои нема да бидат краткорочни, туку догорочни, за да не ни се случи по два месеци повторно да имаме зголемување на цените – рече Ристески во гостување на Канал 5.
Тој посочи дека проблемот со цените на храната е глобален. Додаде дека главната цел на Владата е да ја задржи инфлацијата на пониско и задоволително ниво и да ги стабилизира цените кои имаа големи флуктации во изминатиот период.
– Минатата година направивме неколку одлуки и мерки на Владата со кои имавме одредено стабилизирање на инфлацијата, но веднаш после мерките имавме повторно зголемување на цените и мало придвижување на инфлацијата. Затоа со добра анализа на мерки кои би следувале ќе гледаме да направиме подолгорочен ефект на стабилизирање на цените и да се држи степенот на инфлација на ниско ниво – потенцира Ристески.
Со нови квалитетни и издржани мерки, додаде, ќе им се укаже на сите чинители во синџирот на снабдување со храна да не се изигруваат пазарните правила на игра, зашто ако го направат тоа ќе следуваат подолгорочни мерки од шест месеци до една година.