Синоќа во с. Велгошти се одржа културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“. По традиција беше врачена истоимената награда на авторката Дијана Петрова чиј расказ „Мизанабим” беше избран за најдобар по претходно распишан Конкурс на Општина Охрид.
За значаењето на манифестацијата „Живко Чинго“ обраќање имаше Ана Крстеска, заменик градоначалник на Охрид .
– Во затишјето на ноќва во атарот на нашево убаво Велгошти се собравме да оддадеме почит на делото на најголемиот раскажувач на сите времиња, Живко Чинго кој по Климент Охридски и Григор Прличев веројатно е третата по значај културна личност од Охрид и Македонија. Има ли Македонец кој не знае за чудесната „Пасквелија“, која одново и одново не собира секоја година тука во родното село на великиот Чинго за да му оддадеме должна почит за секој напишан збор, расказ или роман од неговата рака. Преку манифестацијата “Вечер на Живко Чинго“, ја покажуваме нашата вековна определба делото на големиот раскажувач и книжевник, засекогаш да биде запаметено во колективната меморија на Охрид и Македонија. Со вечерашново чествување, исполнуваме само мал дел од обврската кон сите великани кои оставиле културен и цивилизациски белег во милениумската историја на Охрид и Македонија, а Живко Чинго е во самиот врв. На конкурсот за најдобар расказ што во чест на Живко Чинго секоја година го распишува Општина Охрид расте конкуренцијата и во бројот на пристигнати раскази и во литературниот израз, што покажува дека неговиот лик и дело се слават на најсоодветен начин. Секоја година се раѓа некоја “нова Пасквелија“ напишана од перото на некој млад Чинго што е доволна потврда за почитта што ние како народ ја одааваме кон него.
Годинава расказот „Мизенабим” по квалитет и раскажувачка моќ веројатно е „годинешната Пасквелија“, а авторката Дијана Петрова според книжевните вештини е младиот Чинго. Токму нејзе од срце и честитам за добиената награда посакувајќи и идни книжевни успеси и достоигнувања, а вас почитувани ве замоолувам и во иднина да го почитувате, читате и негувате делото на Живко Чинго најголемиот раскажувач на сите времиња- подвлече Крстеска
Наградениот расказ се одликува со извонредна техника на раскажување што се засновува врз едно очигледно длабоко и темелно познавање на високите врвови на светската проза и на теоријата на прозата и притоа не изостанува авторската умешност лесно да ги хармонизира пристапите на некои великани со неговото лично авторско проседе.
Дијана Петрова е добитник на бројни награди и признанија.
На манифестацијата беше промовирана и книгата „Наградата Живко Чинго од востановувањето до денес“ од м-р Милчо Јованоски.
Беседа за Живко Чинго одржа проф. д-р Кристина Николовска.