Пожарникарите денес останаа во состојба на висока готовност откако најголемиот шумски пожар во Франција во последните децении беше локализиран на југот од земјата, но постојат стравувања дека многу високите температури би можеле повторно да ги разгорат пламените јазици.
Во текот на три дена, пожарот се прошири на повеќе од 160 квадратни километри, поголем од Париз, во винскиот регион Од, одземајќи еден живот и принудувајќи стотици жители да ги напуштат своите домови.
Пожарот се прошири брзо во топло и суво време, достигнувајќи обем од 90 километри, а локалните власти соопштија дека мора да останат будни во текот на викендот бидејќи се очекува температурите да се искачат над 30 степени Целзиусови во уште еден топлотен бран.
Регионалниот администратор Кристијан Пуже изјави дека околу 1.000 луѓе сè уште не можат да се вратат во своите домови, при што едно лице починало дома, а најмалку 13 други се повредени, вклучувајќи 11 пожарникари.
Пожарот беше најголемиот регистриран откако беше создадена националната база на податоци за пожари во Франција во 2006 година. Сепак, министерката за еколошка транзиција на Франција, Ањес Пание-Рунаш, го нарече пожарот најлош од 1949 година и го поврза со климатските промени.
Во тек е истрага за да се утврди што го предизвикало пожарот.
Европа е континентот што се затоплува најбрзо во светот, со температури што растат двојно побрзо од глобалниот просек од 1980-тите. Научниците предупредуваат дека климатските промени ја влошуваат фреквенцијата и интензитетот на топлината и сушите, правејќи го регионот поранлив на шумски пожари.