Background

Мистериозни врежани броеви на нивниот оклоп ги збунуваат научниците

При своите редовни теренски активности на островот Голем Град во Преспанското Езеро, истражувачи од Македонското еколошко друштво откриле необичен феномен – најстарите шумски желки имаат врежани броеви на долниот дел од оклопот, познат како пластрон. Ознаките, велат тие, не одговараат на ниеден современ метод за идентификација и најверојатно потекнуваат од пред неколку децении.

„Островот Голем Град во Преспанското Езеро претставува уникатен природен амбиент за територијата на нашата држава, каде мноштво живи видови и нивните живеалишта се проткаени со траги од некогашното човечко присуство во милениумите што одминале. Меѓу највпечатливите активни жители на островот несомнено се вбројуваат и шумските желки, кои поради изолираноста имаат развиено уникатни адаптации во нивното однесување и начин на живот, што, пак, од своја страна го привлекува вниманието на светската научна јавност.

При нашите редовни теренски истражувања на оваа популација, забележуваме дека најстарите желки на островот имаат врежани бројчени ознаки на долниот дел од оклопот, познат како пластрон. Се чини дека овие ознаки укажуваат на некаков начин на броење или идентификација, но не одговараат на ниеден современ метод што го применуваат биолозите што со децении вршат популациски истражувања во регионот“, се вели во објавата на Фејсбук од Македонското еколошко друштво.

- Advertisement -
Ad image

Досегашните обиди да се открие потеклото на овие ознаки, велат од друштвото, преку разговор со локални жители и преку консултации со колеги, не дале конкретни одговори.

„Врежаните бројки не делуваат како скорешни и веројатно датираат одамна (барем 30, но можеби и повеќе од 50 до 70 години). Останува мистеријата дали станува збор за некаква порана научна дејност или, пак, неформално следење на големградската популација на желки од биолози-аматери или од други лица?“, велат од друштвото.

Во секој случај, се додава во објавата, тие сведочат за долготрајната (па дури и историска) фасцинација на луѓето кон дивиот свет на островот.

„Голем Град ја има една од најгустите и најнеобични популации на шумски желки во светот, која за жал денес се соочува со големи предизвици за опстанок – пред сѐ поради нерамномерниот полов сооднос меѓу единките, надополнето со растечките негативни влијанија на климатските промени. Само преку здружени научни истражувања, базирани на јасно утврдена методологија, би можеле да се утврдат евентуални мерки за спас на шумските желки и на останатите живи видови на овој навистина посебен остров во срцето на Преспа“, се вели во објавата на Македонското еколошко друштво.

Од друштвото бараат од граѓаните кои имаат сознанија за овој феномен да ги споделат, како и да пријават доколку забележале желки со слични ознаки во Преспа или во околината.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation