Во атарот на охридското село Велгошти синоќа со богата културно уметничка програма по традиција беше одбележан големиот национален празник Илинден. Пред присутните се обрати градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
– Вечерва кога сме „најблиску до Бога“ во очи големиот празник Илинден со чиста љубов и мисла се поклонуваме пред делото на Илинденците и асномците кои со своите животи ги поставија темелите на современа, суверена и независна Македонија.
Ноќва спроти Илинден гордо со крената глава славиме за македонскиот непокор за слобода и државност. Илинден е празник кој врзува две епопеи и еден идеал, за слободна и независна Македонија. Синови и ќерки се бореа сонот за слободна Македонија да стане јаве. Двата Илиндена 1903 и 1944 година се темелите на македонската држава, јазик и идентитет.
Овој празник е најсветлиот ден во македонската историја. На темелите на Крушевската Република партизаните од пепел ја подигнаа и изградија современа Македонија која во 90-те години на минатиот век ја доби независноста.
Свети се обврските кон минатото, ние се задолживме пред споменот на нашите претци дека ќе го сочуваме сето она што со крв и месо тие го печалеа и нам ни го предадоа , слободна и независна држава МАКЕДОНИЈА.
Горди македонски родољуби, татковино со безброј убавини, планини езера и реки од дамнина имаш се што е државотворно. Јазикот и културата се втемелени во твојот идентитет како единствени и неуништливи. Идентитетот кој не се менува не прави вечни и за тоа не само што нема дилема туку ни простор за дискусија.
Наше е да го сочуваме наследеното,да ја осовременуваме и прилагодуваме на модерното време нашата мила татковина притоа вешто чувајќи ги нашите традиции, обичаи и култура. Да создаваме подобри услови за живот на нашите деца и идни поколенија, да не ги бркаме туку да ги вратиме дома крај родните огништа. Заедно да ја доградуваме и осовременуваме нашата Македонија. Започнавме и заедно со вас ќе продолжиме здравствено, образовно и инфраструктурно да ја усовршуваме затоа што татковината не се сака со зборови туку со дела– рече градоначалникот Пецаков.
Во рамки на чествувањата беше положено свежо цвеќе пред спомен обележјата на Илинденците, актерот Роберт Ристов ја одигра монодрамата „Македонија ќе роди нови брорци- Вие ќе живеете во срцата наши“, а настап имаше и естрадната уметничка Елена Велевска.