Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.
„Илинден е сржта на македонската историја,
Илинден е срцето на македонската република,
Илинден е душата на македонската државност,
Илинден е тежок и прекрасен ден, ден на неизмерна тага и радост, но и ден на болка и гордост!
2 Август е денот на двата Илиндена: Крушевскиот којшто ја роди идејата за Републиката и асномскиот којшто ја оживотвори.
Првиот беше искра, вториот пламен, првиот беше ослободителен крик и херојска епопеја, вториот беше државна конституција по победа.
Првиот посеа републиканско семе, вториот ја собра жетвата на Народноослободителната борба.
Илинден е приказна што тече, се пишува и допишува со крв и солзи, порази и победи.
Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува.
Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа.
Илинден е пример за обединување заради заедничка цел и општо добро.
Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце… и пред мноштвото знајни и незнајни борци, дека она што го сториле за нас, несебично вградувајќи се во темелите на македонската државност, никогаш нема да го заборавиме и засрамиме.
Драги потомци на славните илинденци, наследници на нивната визија, храброст и неизмерна љубов кон татковината, од срце ви го честитам Илинден, празникот над празниците.
Нека е вековита македонската република!
Нека ни е вечен Илинден!“, стои е наведува во честитката на претседателката Сиљановска-Давкова.