Борче Пауновски, кој со своето семејство моментално престојува во Тајван, за МИА сведочи дека организацијата при справувањето со природни катастрофи и елементарни непогоди е беспрекорна, поради што кај населението нема паника ниту чувство на загрозеност.
Денеска, поради опасност од цунами, предизвикано од земјотресот со јачина од 8,7 степени што го погоди рускиот полуостров Камчатка, сите жители на Тајван добија препораки да не се приближуваат покрај брегот на океанот, реките, пристаништата и покрај бедемите кои ги штитат од плима, струи, бранови и од бури.
– Денеска во 12 часот по локално време добивме предупредувачка порака за цунами. Тајванците не оставаат ништо на случајност. Најверојатно научени да живеат со ваквите појави, будно ги следат и превенираат. Се преземаат сите мерки да се намалат последиците од појавата. Од страна на Владата на Тајтунг, каде што се наоѓаме во моментов, ни е наредено да останеме во хотел и да не излегуваме додека не добиеме порака дека тоа може да го направиме. Нема паника кај локалното население, а ние како странци овде само се надеваме дека ударот нема да биде од посериозни размери. За организираноста нема што да се каже. Беспрекорно е се. Тоа веќе го видовме во неколку случаи откако доживеавме 2 тајфуна со обилни врнежи од дожд. Исто како и сега, по добиените пораки само професионалните тимови се на терен – вели Пауновски кој со двата сина е на самиот брег на Тајтунг, во Тихи океан (Пацифик).
Тој нагласува и дека никој од надлежните во Тајван не држи прес-конференции кога има вакви ситуации.
– Тука никој не држи прес-конференции за да покаже дека нешто работи, ниту лиферува информации, ни видеа како спасува луѓе од поплавени региони. Сите, без оглед на работна позиција, се на терен и се справуваат со состојбата. Така, веќе наредниот ден сѐ е по старо. Водата е издренирана и сите патишта се проодни. Одроните и наносите, заедно со паднатите дрвја, се комплетно расчистени. Како успеваат не ми е јасно. Количината вода која падна за време на двата тајфуна е огромна. Сувите корита кои се огромни, сега се полни со вода – објаснува Пауновски.
Пауновски е во Тајван на фестивал на балони на топол воздух.
– Тука сум со моите два сина од 29 јуни. Ангажирани сме од тајванските авторитети како 2 тима, двајца пилоти и еден помошник за фестивал на балони на топол воздух. И во овој дел организацијата е доведена до перфекција. Годишно посетуваме преку 10 големи меѓународни фестивали или натреварувања, но никаде нема ваква „машинерија“. Лани имавме еден милион посетители, а годинава, и покрај временските предизвици, се очекува бројката да се надмине. И за луѓето, посетителите, нема што да се каже. Во 3 часот наутро со мали деца, со комплетна пикник-опрема чекаат да стартуваме и да уживаат во спектаклот. Инаку, при секое мое доаѓање сум фасциниран од Тајван, од неговите природа и зеленило. Во сите урбани средини има преубави паркови, комплетно прилагодени за сите типови рекреација. Корпи имаат многу ретко, но фрлено ѓубре никаде – потенцира Пауновски.
Земјотрес со јачина од 8,7 степени го потресе рускиот полуостров Камчатка, а издадено е предупредување за цунами за целиот Курилски остров во Сахалинската област. Според првичните податоци од Главната дирекција на руското Министерство за вонредни ситуации во Сахалинската област, земјотресот со јачина од 7,9 степени е регистриран во 10:30 часот по локално време во Тихиот Океан, 360,9 км североисточно од Северо-Курилск.
Подоцна, огранокот на Камчатка на Единствената геофизичка служба на Руската академија на науките објави дека, според различни проценки, јачината достигнала 8,7. Според научниците од академијата, ова е најсилниот земјотрес на полуостровот од 1952 година. Не се пријавени жртви или повредени, но имало штета во градинка во градот Петропавловск-Камчатски.
Околните земји се на готовс. Јапонија, Филипини, Индонезија и САД веќе издадоа наредби за евакуации поради опасност од цунами.