До пладне според информациите од Центарот за управување со кризи, се евидентирани вкупно 15 пожари на отворено, три се сè уште активни, пет се под контрола, а седум се изгаснати. Состојбата останува сериозна, особено во планинските и руралните подрачја.
Најкритичен е пожарот кој беснее меѓу териториите на општините Василево, Радовиш и Берово, каде пламените јазици зафатија широки површини од планините Голем Готен и Малешевските Планини. Таму гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и друга сува вегетација, што дополнително го отежнува гаснењето.
И Прилеп и натаму останува под сериозна закана. Во реонот на селото Бешиште, на Бешишки Рид, пожарот се шири кон Градешница (Новаци) и дури кон границата со Грција. Интервенции таму нема поради детонации што ја загрозуваат безбедноста на екипите. Истовремено, нов фронт на пожар се шири помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен (Прилеп), и Галиште и Трстеник (Кавадарци), каде гори мешана шума и нискостеблеста вегетација.
Добра вест е што пет пожари се ставени под контрола. Пожарите кај селата Грешница и Латово во Македонски Брод веќе не се шират, иако горела мешана шума и деградирана вегетација. Слична е ситуацијата и помеѓу селата Драгоево и Селце во Штип, каде биле зафатени нискостеблести шуми и сува трева. Контрола е воспоставена и во Карбинци кај село Јунузлија, како и во регионот помеѓу Црешево, Локвица и Крапа (Македонски Брод), каде горела деградирана дабова шума.
Во изминатите часови, седум пожари се целосно изгаснати. Меѓу нив е и опасниот пожар кај селото Ќосевица во Македонска Каменица, каде претходно горела борова шума. Се изгаснаа и огновите кај Облавце, Бељаковце, Орах и Руѓинце (Куманово и Старо Нагоричане), кои се закануваа да ги проголтаат селата Димонце и Коњух во Кратово. Исто така, пламенот во Горно Црско (Кичево), Церово и Групчин (Желино), како и во Средно и Долно Коњаре и Катланово (Петровец), е успешно совладан.
Охрабрувачки е и изгаснувањето на пожарот кај село Нерав во Крива Паланка, каде што горела висока борова шума.
Надлежните апелираат на внимателност, посочувајќи дека и најмалите искри можат да предизвикаат нови катастрофи. Температурите остануваат високи, ветерот е променлив, а ризикот од нови пожари е постојан.
Македонија добива помош преку Европскиот механизам за цивилна заштита во борбата со пожарите што ја зафатија државата.
Како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска околу 18.00 часот на скопскиот аеродром ќе слета седумчлена посада од Република Чешка со хеликоптер „Блек Хок“, кој веднаш ќе се вклучи во гаснење од воздух.
Дополнително, утре рано наутро, околу 5.00 часот, во Берово ќе пристигне тим од Словенија составен од 61 пожарникар и 18 специјализирани противпожарни возила.
– Им изразуваме голема благодарност на Чешка и Словенија за брзата реакција и солидарноста. Помошта доаѓа во клучен момент кога се соочуваме со пожари на неколку фронтови. Европскиот механизам уште еднаш покажа дека е важен безбедносен столб за регионот – изјави Ангелов.