По четири месеци неизвесност и молк, 28-годишниот С.С. од Гостивар, со престој во Скопје, конечно се појавил и тоа на Граничниот премин Табановце, на излез од државата. Како што информира МВР, тој бил откриен на 28 јули 2025 година, околу 18:30 часот, при рутинска гранична контрола во автобус кој се упатувал надвор од Македонија.
Но, ова не е обичен случај на патување. За истиот маж уште на 4 април годинава била поднесена пријава за исчезнување. Таткото на С.С. го пријавил во Полициската станица Кисела Вода дека син му се оддалечил од семејниот дом и му се изгубила секаква трага. Оттогаш, неговото име стоело во базата на исчезнати лица, а потрагата траела цели месеци.
Интересно е што ниту семејството, ниту полицијата немале никакви информации за неговото движење во целиот тој период. Останува мистерија каде бил, со кого бил и зошто не стапил во контакт со најблиските.
„Станува збор за лице за кое постоеше пријава за исчезнување од 4 април. Утврден е неговиот идентитет при контрола на ГП Табановце. Ќе се постапува согласно надлежностите“, велат од полицијата.