Само неколку дена откако виралното „kiss-cam“ видео на директорот на „Astronomer“, Енди Бајрон, и шефицата за човечки ресурси, Кристин Кабот, го преплави интернетот, уште еден момент од концерт на „Coldplay“ во Мајами станува вистински хит.
Овојпат, вниманието го привлекоа фудбалската легенда Лионел Меси и неговата сопруга Антонела Рокуцо, кои беа снимени додека уживаат на концерт во „Hard Rock Stadium“ во Мајами.
Во краткото видео кое експресно стана вирално, Меси е снимен како се насмевнува и мавта кон публиката, додека Антонела стои покрај него, исто така видно расположена. Реакциите не доцнеа, фановите коментираат дека еден бран од Меси го претворил концертот во атмосфера како на Светското првенство.
Профилот „Coldplay Access“ на мрежата X (поранешен Twitter) објави: „Џамботрон со Лионел Меси! (Овојпат не се криеше)“, алудирајќи на тоа колку ретко тој се појавува во вакви јавни моменти. Стадионот во Мајами исто така ја сподели снимката со порака: „Ох, здраво Меси!“
Коментарите на социјалните мрежи беа преполни со пофалби, а многумина го нарекоа „кралско“ јавувањето на Меси, нагласувајќи ја неговата скромност и природен шарм во јавноста. И покрај сета слава, Меси и Антонела повторно покажаа дека се симпатичен и достапен пар, кој едноставно ужива во музиката и моментот.