Во раните утрински часови пред станбена зграда во солунската населба Сикиес одекнала силна експлозија, информира грчкиот весник „Катимерини“.
Според првичните информации, детонацијата била предизвикана од експлозивен механизам поставен и активиран од засега непознати сторители.
Од експлозијата е причинета значителна материјална штета, оштетени се влезот и прозорците од зградата, фасадите на околните објекти, како и неколку паркирани возила во близина.
Двајца млади лица се здобиле со полесни повреди, најверојатно од скршено стакло. Тие се пренесени во солунската болница „Хипократ“, каде им е укажана медицинска помош.
Грчката полиција спроведува истрага и трага по лицата кои стојат зад нападот. Мотивите засега не се познати, а случајот е предаден на надлежните безбедносни служби.