Германскиот канцелар Фридрих Мерц уште еднаш ги урна надежите на Украина за брз влез во Европската Унија, предупредувајќи дека процесот може да трае со години, јави агенцијата ДПА.
– Наш врвен приоритет во моментов е да сториме сè што можеме за да ја завршиме оваа војна – изјави Мерц на денешниот состанок со романскиот претседател Николае Чука во Берлин.
Тој додаде дека по завршувањето на конфликтот ќе почнат разговори за обнова на Украина. Тоа би бил процес кој на крајот би можел да доведе до тоа Украина да стане членка на Европската Унија, но како што потенцираше, „тоа ќе трае неколку години“.
Украина е кандидат за членство во ЕУ од 2022 година и инсистира на брзо пристапување во Унијата. Меѓутоа, Мерц изјави дека додека Украина е под напад и во состојба на војна, „пристапувањето во Европската Унија секако ќе биде практично невозможно“.
Сепак, тој нагласи дека целта е земјата да се доближи што е можно повеќе до Европската Унија и да се поврзе со заедницата.
Украина се брани од руска инвазија повеќе од три години, а светот со внимание ја следи судбината на земјата во овој долготраен конфликт.