Портпаролот на вооруженото крило на Хамас, Абу Обеида, во снимен говор испратен до медиумите изјави дека неговото движење нема повторно да поднесе нов предлог за делумен договор доколку Израел се повлече од тековните преговори.
– Не ветуваме дека повторно ќе понудиме нацрт-договор и предлог за ослободување на десет затвореници, доколку Израел ги напушти разговорите што сега се водат – рече Обеида.
Ова е неговото прво видео-обраќање по четири месеци, во кое ја обвини израелската страна и премиерот Бенјамин Нетанјаху дека одбиле сѐопфатна понуда за размена на сите заложници која Хамас ја дал во последните неколку недели.
Од друга страна, висок израелски функционер изјави за Тајмс оф Израел дека токму Хамас ја одолговлекува размената на заложници во текот на разговорите што се одвиваат во Доха.
– Израел е подготвен да ги доведе преговорите со Хамас до крај, но постојаното одбивање и одолговлекување будат сомнежи во нивната сериозност – изјавил функционерот.
Според истиот извор, Хамас смета дека времето работи во негова корист.
– Но тековните операции на Израелската одбранбена сила (ИДФ) во Газа се доказ дека времето всушност работи за Израел – додал тој.