Министерството за одбрана реализираше две големи набавки за муниција и за набавка на опрема за хаубиците, информираше премиерот Христијан Мицкоски на промоција на новите армиски артилериски орудија „Боран“ и друга придружна опрема, набавени од Турција.
Новите оружја и муниција беа претставени во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.
– Со гордост објавувам дека преку Министерството за одбрана успешно ги реализираше два значајни договори за набавка на нова современа воена опрема – опрема која е целосно усогласена со НАТО стандардите. Ова не е само набавка. Ова е визија за Македонија како стабилна, сигурна и подготвена членка на НАТО Алијансата. Ова е порака дека државата станува сила што застанува на свои нозе – рече премиерот.
Мицкоски објасни дека со првиот договор се набавени и веќе испорачани 6 хаубици – моќни артилериски системи кои ќе го засилат капацитетот на нашата Армија. Заедно со нив е предвидена и набавка на муниција со зголемен дострел, чија испорака и исплата се планирани во текот на 2026 година.
Со вториот договор, вели премиерот, обезбедена е набавка на опрема за хаубиците – системи за комуникација и контрола на оган кои значително ќе ја зголемат огнената моќ и прецизноста на делувањето на нашите единици.





– Нашата Армија со оваа опрема не само што ќе биде помоќна, туку и покоординирана, попрецизна и поусогласена со НАТО стандардите. Нема веќе импровизации, нема веќе застарена опрема и декларативна поддршка. Има реални инвестиции, има план, има стратегија. Има волја и одговорност. Со оваа набавка, ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците – вели првиот човек на Владата.
На настанот свои обраќања имаа и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал Сашко Лафчиски, и амбасадорот на Турција, Фатих Улусој.