Вчера на површина излегоа сите лаги на СДСМ и на Бугарија. Сите тези дека само да влезат Бугари во Уставот и влегуваме во ЕУ се покажаа како целосна невистина, рече денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
– Гласањето во Европскиор Парламент за бришење на термините македонски јазик и идентитет од Извештајот за напредокот на Македонија покажа дека Бугарија нема намера да застане кај внесувањето на Бугарите во Уставот. Всушност, тоа е само изговор за сè друго. Целта не била Бугари во Устав туку бришење на јазикот и удирање по идентитетот. Бугарија е разоткриена – рече Ковачки.
Вчера, додаде тој, пропаднаа и сите лаги на СДСМ, чии политики нè донесоа до ова дереџе, и кои кога подававме рака за соработка и заедничка национална стратегија не прифатија, туку тераа по свое, продавајќи сè што може.
– И сега, кога го избришаа македонскиот јазик и идентитет од Извештајот на ЕП, СДСМ не чекаа ниту минута, и тргнаа да се ситат. Сè е на виделина, веќе нема ништо сокриено. Политиките на Заев и Филипче на ,„еден народ, две држави“ и „Делчев е Бугарин“ сега го земаа својот данок. Жално е што тоа што ние го говоревме, а за жал се случи вчера, го знаеја и во СДСМ и свесно првин потпишаа штетен договор, а потоа и со сите сили сакаа да ја обезличат нацијата, ставајќи ја во процес кој требаше да заврши со целосна негација на македонскиот јазик и идентитет – рече тој.
ВМРО-ДПМНЕ во таа игра не влезе, и нема да влезе, додаде Ковачки.
– Само противењето на ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток, уште кога СДСМ го потпишуваше договорот, ја спаси државата од целосен срам и бришење на идентитетот. Воедно, ќе остане запишано и за векови запаметено дека европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина на АФЕТ, на Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент и пред да се донесе срамниот амандман, се најде на масата на сите европратеници коишто гласаа во рамките на Европскиот Парламент – рее Ковачки.
Вистинските цели на Бугарија од вчера се на чисто, тие сакаат бришење на македонскиот јазик и идентитет, бришење на историјата и бришење на вистината, додаде пратеникот.
– Трагично е што за своите шовинистички политики се обидуваат да ја користат ЕУ. Пораката од ВМРО-ДПМНЕ е јасна, ние нема да дозволиме ново предавство и нема да отстапиме од заветот на ВМРО – рече Драган Ковачки.