Криминал од милионски размери го потресе Куманово, откако 37-годишна вработена во јавно претпријатие е пријавена дека во период од речиси четири години успеала да присвои над 8.276.000 денари, односно околу 134.500 евра, во дури 410 наврати, манипулирајќи со службени податоци и документи.
Како што соопшти Секторот за внатрешни работи Куманово, против М.А. (37) е поднесена кривична пријава за „проневера во службата“ и „фалсификување или уништување деловни книги“, додека нејзината колешка Ј.А. (52), раководителка на одделение за сметководство и финансова оператива, се товари за „несовесно работење во службата“.
Според обвинението, М.А. на позиција благајник во јавното претпријатие, од 2020 до 2024 година во 410 наврати присвојувала пари што граѓаните ги плаќале во готово, а наместо да ги евидентира и уплати на сметката на претпријатието, таа задржувала дел од средствата. Притоа, таа фалсификувала документи во компјутерскиот систем, дуплирајќи веќе постоечки броеви и спецификации, а дел од изготвените документи и извештаи намерно ги уништувала за да ја сокрие трагата.
Од Основното јавно обвинителство Куманово потврдуваат дека е отворена предистражна постапка.
– Обвинителството постапува по поднесената пријава и ќе бидат извршени сите потребни истражни дејства. Станува збор за сериозно и организирано прекршување на службени овластувања што резултирало со финансиска штета за јавното претпријатие – велат од ОЈО Куманово.
Случајот го открила внатрешна ревизија, а полицијата во соработка со обвинителството собира дополнителни докази. Истражителите не ја исклучуваат можност да бидат опфатени и други лица.