Основачот на Амазон и третиот најбогат човек во светот, Џеф Безос, продаде повеќе од 3,3 милиони акции од компанијата, во која тој останува најголем поединечен акционер, за околу 736,7 милиони долари, според официјалното поднесување до Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC).
Продажбата е дел од однапред договорен план за тргување што Безос го усвои во март, кој му овозможува да продаде до 25 милиони акции на Амазон до крајот на мај 2026 година.
Сличен план беше активен во 2024 година, кога основачот на Амазон имаше право да продаде до 50 милиони акции, објави CNBC.
Безос претходно објави дека ќе продава акции на Амазон во вредност од 1 милијарда долари годишно за да ја финансира својата вселенска компанија Blue Origin, а дел од капиталот го насочува и кон неговата непрофитна организација која отвора градинки Монтесори низ САД.
Продажбата доаѓа само неколку дена по раскошната тридневна свадба на Безос со Лорен Санчез во Венеција, за која се проценува дека чинела околу 50 милиони долари и предизвикала негодување кај локалното население.
Безос моментално е рангиран на третото место на листата на милијардери на Блумберг, со богатство од околу 240 милијарди долари. Само Илон Маск (363 милијарди долари) и Марк Закерберг (260 милијарди долари) се побогати.