Танкер за нафта се преврте во Суецкиот Залив, при што загинаа најмалку четири члена на екипажот, а четворица се водат како исчезнати, соопштија денес локалните власти.
Бродот се преврте синоќа во близина на градот Рас Гареб, во близина на северозападниот крак на Црвеното Море, каде што поминува голема бродска линија, соопшти египетското Министерство за нафта.
Пред превртувањето на бродот имало 30 работници, а спасувачките екипи пронашле четири тела, додека 22 лица биле однесени во болници, изјави Амр Ханафи, гувернер на покраината.
Локалните медиуми објавија дека ископувањата во друга област го повлекле бродот кон себе, што предизвикало негово превртување.
Превртувањето не ги попречило бродовите што минуваат низ каналот што го поврзува Суецкиот Залив со Средоземното Море, соопштија официјални лица.