Далај Лама денес потврди дека неговиот наследник ќе биде одреден по неговата смрт, за да се обезбеди континуитет како духовен водач на тибетската заедница.
„Потврдувам дека институцијата Далај Лама ќе биде овековечена“, рече тој за време на религиозен состанок во Меклауд Ганџ во северна Индија, каде што живее во егзил.
Роден е на 6 јуни 1935 година, како Тензин Гјатсо, а на двегодишна возраст станал 14-ти духовен и политички водач на Тибеќаните, идентификуван, како што бара будистичката традиција, како реинкарнација на неговиот претходник.
Побегнал од кинеската репресија во 1959 година и оттогаш поголемиот дел од времето го поминува во манастирот Меклауд Ганџ, во подножјето на индиските Хималаи.
Прашањето за наследник е клучно бидејќи Тибеќаните се сомневаат дека Кина, чии трупи го окупираа Тибет во 1950 година и го прогласија за кинеска покраина, сака да назначи наследник.
„Одговорноста (за назначување на наследник) паѓа исклучиво на членовите на Фондацијата Гаденг Подранг, канцеларијата на Неговата Светост Далај Лама“, се вели во пораката објавена денес, по повод неговиот 90-ти роденден
Се додава дека тие ќе ја спроведат постапката за барање и идентификување на наследник, во согласност со традицијата.
Сегашниот Далај Лама, кого Пекинг го смета за опасен сепаратист, веќе јавно ја отфрли идејата дека неговиот наследник може да биде назначен од Кинезите.
Тој сигурно ќе биде „роден во слободниот свет“, вети јавно, неколку пати.
Во 2011 година, Далај Лама се откажа од политичкиот дел од својата моќ, кој му е доверен на премиерот, кој го избираат дијаспората и владата.