Утрово во 5:54 часот, земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го стресе регионот околу Валандово, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија го регистрирала потресот на неколку сеизмолошки станици ширум државата, при што е утврдено дека епицентарот се наоѓа во епицентралното подрачје Валандово, оддалечено околу 120 километри југоисточно од главниот град.
Според првичните информации од Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван во Валандово и во околните населени места со интензитет од 4 степени според Европската макросеизмичка скала (EMS).
Засега нема информации за причинета материјална штета или за повредени лица, но локалното население на социјалните мрежи известува дека потресот бил „краток, но силен“, и ги разбудил во раните утрински часови.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата и ги повикуваат граѓаните на смиреност, посочувајќи дека ваквите потреси се честа појава во сеизмички активниот регион на југоисточна Македонија.