Проблем со пристапувањето на Украина во Европската Унија е војната бидејќи доколку би ја вовеле земјата во ЕУ, со тоа во неа би ја вовеле и војната, изјави денеска во Брисел унгарскиот премиер, Виктор Орбан, при пристигнувањето на Самитот на блокот.
– Не би сакале да бидеме заедно во една заедница со земја што е во војна и што претставува непосредна опасност за нас. Ако членка на Европската Унија е во војна, тоа би значело дека и Европската Унија е во војна, а не го сакаме тоа – истакна Орбан.
Запрашан дали неговиот став кон пристапувањето на Украина во ЕУ ќе се промени доколку биде прогласен прекин на огнот, Орбан одговори:
– Да, но нема прекин на огнот.
На прашањето дали очекува наскоро да биде постигнат трговски договор меѓу ЕУ и САД, Орбан изрази резерви кон капацитетите на европските преговарач.
– Проблемот е што од страна на САД имаме силен преговарач за склучување на договорот, а од наша страна, ЕУ е многу слаба – рече Орбан.