Поради затворање на воздушниот простор и аеродромот во Израел, македонските државјани кои се наоѓаат таму засега не можат да бидат евакуирани преку Тел Авив, соопшти денеска македонската амбасада во Израел.
– Во моментов нема услови за авионска евакуација преку аеродромот во Тел Авив. Ги информираме граѓаните дека постои алтернативна морска рута од Ашдод до Лимасол (Кипар), преку компанијата „Mano Shipping“ – велат од Амбасадата.
Следната достапна можност за заминување од Израел е бродот „Crown Iris“, кој според планираното треба да отплови од Ашдод на 27 јуни (петок) во 12 часот, и има капацитет од 1.500 патници. Картите може да се купат директно преку веб-страницата на „Mano Shipping“.
– Ги повикуваме сите македонски државјани кои немаат валиден пасош да се јават во Амбасадата за издавање на патен лист – апелираат од дипломатската мисија во Тел Авив.