Вулканот на планината Левотоби Лаки Лаки, кој се наоѓа во јужно-централна Индонезија, еруптираше во вторник, исфрлајќи огромни столбови од жежок пепел во воздухот. Властите го кренаа нивото на тревога на највисоко ниво и ја проширија опасната зона на 8 километри од кратерот.
Индонезиската геолошка агенција соопшти дека вулканот исфрлил облак од густ сив пепел на висина од 10.000 метри во вторник попладне, по значителна вулканска активност – 50 ерупции беа регистрирани за два часа, во споредба со вообичаените 8 до 10 дневно.
Облакот од пепел формираше форма на печурка и беше видлив од градовите од 90 до 150 километри оддалеченост од планината.
Не се пријавени жртви, објави АП.
Жителите се предупредени да бидат внимателни бидејќи обилните дождови би можеле да предизвикаат лавини во реките што извираат од вулканот.
Ерупцијата на Левотоби Лаки Лаки во ноември уби девет лица, а десетици повреди. Исто така, еруптираше и во март.
Планината висока 1.584 метри е близначка на планината Левотоби Перемпуан и се наоѓа во округот Флорес Тимур.
Индонезија, островска нација со 270 милиони жители, често е погодена од сеизмичка активност. Има 120 активни вулкани и се наоѓа на „Огнениот прстен“, серија сеизмички раседи во облик на потковица што го опкружуваат Тихиот Океан.