Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денес издаде соопштение во кое вели: „Во името на благородниот Хајдар, битката започнува“.
Хајдар е име кое често се користи за Али, кого шиитските муслимани го сметаат за прв имам и наследник на пророкот Мухамед.
Иранскиот лидер ја објави пораката на својот X профил на англиски јазик:
„Мораме да дадеме силен одговор на терористичкиот ционистички режим. Нема да покажеме милост кон ционистите“, рече тој.
Размената на оган меѓу Израел и Иран денес влезе во својот шести ден, откако Израел прв лансираше ракети на иранска територија, што го натера Техеран да возврати. И
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се сретна со својот тим за национална безбедност во Собата за ситуации. Повеќе од 30 американски танкери за воздушно полнење гориво се испратени на Блискиот Исток за да му се дадат на Трамп воени опции, соопштија два извори.
Директорката на американската национална разузнавачка служба, Тулси Габард, инсистираше дека таа и Трамп се „со ист став за временската рамка на нуклеарното оружје на Иран“. Во март, таа сведочеше дека американската разузнавачка заедница „продолжува да проценува дека Иран не гради нуклеарно оружје“. Но, Трамп вчера им рече на новинарите дека верува оти Иран е „многу блиску“ до добивање такво оружје.