Докторот од Калифорнија е обвинет дека му дал пристап на ѕвездата од „Пријатели“, Метју Пери, до кетамин, неколку недели пред актерот да се предозира.
Еден од лекарите вмешани во смртта на актерот Метју Пери, д-р Салвадор Пласенсија, постигнал спогодба со обвинителството за признавање вина и се согласил да се изјасни за виновен. Според документите поднесени на 16 јуни, тој е обвинет по четири точки за нелегално давање кетамин на познатиот актер и се соочува со затворска казна до 40 години. Вкупно пет лица беа обвинети во овој случај. Тројца од нив, д-р Марк Чавес, асистентот на Пери, Кенет Ивамаса и наводниот дилер Ерик Флеминг, веќе се изјаснија за виновни.
Единствена која сè уште не го сторила тоа е Џасвин Санга, позната и како „кралица на кетаминот“.
Да потсетиме, Метју Пери почина во октомври 2023 година како резултат на акутно труење со кетамин. Неговото тело го пронајде асистентот Ивамаса, за кого постои сомневање дека му ја инјектирал фаталната доза, по упатствата на доктор Пласенсија.
Кетаминот претходно го набавувал Пери за терапевтски цели, но обвинетите наводно ја набавиле супстанцијата нелегално – по цена од 2.000 долари по шишенце, иако било купено за само 12 долари.
Според податоците од обвинението и изјавите на федералните обвинители, двајцата лекари му продале на Пери 20 ампули кетамин за 55.000 долари во готово, наплаќајќи му по 2.000 долари за ампула што Чавес ја добивал за само 12 долари.