Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се стреми кон „вистински крај“ на конфликтот меѓу Израел и Иран, а не само кон прекин на огнот.
– Не се залагаме за прекин на огнот, туку за нешто подобро од прекин на огнот – изјави Трамп пред новинарите откако се врати во САД од самитот на Г7 во Канада.
Тој нагласи дека сака „крај, вистински крај, а не прекин на огнот“, додавајќи дека посакува Иран да направи „целосно откажување“ од своите позиции.
Трамп исто така објави на „Трут соушл“ дека не се обратил на Иран со каков било предлог за мировни разговори, додавајќи дека Техеран „требаше да ја прифати понудата што беше на маса“.
Во врска со потенцијални ирански напади врз американските интереси во регионот, тој најави жесток одговор.
– Тогаш ракавиците се симнати… Мислам дека тие знаат дека не треба да ги допираат нашите трупи. Ќе реагираме жестоко доколку направат нешто против нашите луѓе – потенцираше Трамп.
Говорејќи пред новинарите во авионот Ер форс уан, Трамп најави дека можно е да ги испрати американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и специјалниот претставник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, на средби со ирански претставници.
– Тоа зависи од развојот на настаните по моето враќање – додаде Трамп.
Дополнително, Трамп ја повтори својата позиција дека Иран „не смее да поседува нуклеарно оружје“.