Агенцијата за туризам нема капацитет да ги спроведе проектите за кои зела пари од ЕУ

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Заглавени проекти за формирање развојни туристички зони и авто-кампови, несразмерна распределба на парите за субвенционирање во туризмот, како и недоволна способност да се реализираат преземени проекти кои ги финансира Европската унија, констатирал државниот ревизор во последниот извештај од ревизијата на финансиското работење на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во 2023 година.

Проектот „Езеро Треска“ во општина Сарај е заглавен на јавно наддавање. Комисијата за спроведување постапка за јавно наддавање се соочила со законски и административни пречки, а Владата нема дадено понатамошни насоки за постапување.

Неславно завршил и обидот за формирање на развојна туристичка зона „Дојран“. Тој е запрен на огласот за јавно наддавање за отуѓување на земјиште на кој не е добиена ниту една понуда.

Во застој се и двете две одлуки за основање автокампови – во Општина Велес и во Општина Петровец. За Велес е подготвена урбанистичка документација, но не е започната постапка за отуѓување на земјиштето, додека за Петровец документацијата е во изработка.

Исто така, бавно се реализира и проектот за воспоставување Национална мрежа на патеки и водење регистар. Проектот е започнат и доставен е предлог до надлежни институции, од кои дел имаат дадено позитивно мислење, а други немаат доставено одговор или доставени се забелешки. Поради недовршената постапка и недостиг на елаборати, обврските на АППТ не се реализирани. Во 2021 година, МЖСПП има започнато постапка за измена на Законот, но досега не е постигнато конкретно решение.

АППТ се соочува со проблеми во имплементацијата на законот, особено околу усогласувањето со Законот за градежно земјиште, дефинирањето на надлежности, постапката за јавно наддавање и категоризацијата на автокампови. Врз основа на тоа, Владата ја усвоила доставената информација од АППТ и го задолжила Министерството за транспорт и врски да формира работна група за измена на законот, но истата досега нема преземено конкретни активности. Овие состојби го попречуваат исполнувањето на целта на законот – развој на туризмот преку автокампови.

Ревизорите утврдиле дека Агенцијата не успева да ги исполни надлежностите, со што се доведува во прашање реализацијата на целта на законот, односно на развојот на туризмот.

Во текот на 2023 година, Агенцијата, има реализирано вкупно 80.379.000 денари (1,3 милиони евра) за субвенционирање организиран туристички промет, промоција и унапредување на туризмот, вклучувајќи учество на меѓународни туристички саеми, спроведување медиумски кампањи на странски пазари.

Ревизијата утврдила дека Програмата за промоција и поддршка на туризмот на АППТ за 2023 година покажува нерамномерна распределба и реализација на средствата по програмски компоненти, односно намалување на средствата за клучните функции на Агенцијата – промоција и поддршка на туризмот, за сметка на значително зголемување на средствата за субвенционирање на странски туристички промет.

- Advertisement -
Ad image

Овој дисбаланс, особено во делот на маркетинг активностите, негативно влијае врз интернационалната видливост на државата како туристичка дестинација и ја ограничува можноста за зголемување на туристичкиот промет и девизниот прилив.

Од планираните средства за 2023 година субвенционирањето на организиран туристички промет е реализирано со 99,94%, промотивните активности се реализирани 86,41%, додека активностите за поддршка на туризмот се реализирани во обем од 9,96%.

Со спроведената ревизија констатирано е дека не се преземени доволно активности за поттикнување на рамномерен туристички развој, особено во туристички неразвиените региони.

- Advertisement -
Ad image

Дополнително, недостига анализа за потенцијалите на домашниот туристички пазар, сѐ уште не е воспоставен единствен туристички информационен систем, а соработката со единиците на локалната самоуправа е ограничена и недоволно координирана.

Иако постојат повеќе стратешки документи на различни институционални нивоа, ревизијата укажа и на слаба меѓусебна координација, што доведува до преклопување на активности, фрагментиран пристап и недоволно ефикасно користење на туристичките потенцијали во државата.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот не го добива ниту законски утврдениот износ на пари од законот за игри на среќа, односно 7% од уплатените пари од оваа давачка.

Иако АППТ салдото на сметката на основен буџет на 31.12.2023 година изнесува 320.686.000 денари, со буџетскиот циркулар за 2023 година од побараните 60.000.000 денари, од страна на МФ одобрени се само 40.500.000 денари. Истите се реализирани за субвенционирање на странски туристички промет, а останати се неисплатени обврски во износ од 7.792.000 денари. Поради неодобрен буџет од страна на Финансии, АППТ не е во можност да ги користи средствата со кои располага на сметката, доделени со Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Поради ненавремена подготовка на документацијата за реализирање на проектот „АБОВЕ“ финансиран со 85% од пари на Европската унија, Агенцијата не успеала до крајот на 2023 година да ги повлече европските пари, па ќе треба остатокот од 5.888.000 денари (95.739 евра) да ги обезбеди од сопствен буџет.

Проектот „АБОВЕ“ е со вкупен буџет од 167.803 евра (85% ЕУ финансирање, 15% национално кофинансирање) .

Во 2023 година, АППТ евидентирала обврски во износ од 1.830.000 денари (околу 30.000 евра) врз основа на договор за медиумско емитување во рамки на проектот „АБОВЕ“, за што не е обезбедена соодветна документација.

АППТ, склучила договор за јавна набавка во вредност од 1.230.000 денари (20.000 евра) за интензивна промоција на туристичкиот потенцијал во рамки на проектот „АБОВЕ“, со цел да се информираат најмалку 50.000 потенцијални туристи преку Google Ads, YouTube, LinkedIn, Twitter и Facebook. Ревизијата утврди отстапување од договорните обврски и укажува на непочитување на процедурите за јавни набавки.

Исто така со ревизијата е утврдено дека иако се изработени апликација за паметни телефони и официјална веб-страница во рамки на проект од прекугранична соработка, истите не се во функција по истекот на периодот за одржување (12, односно 18 месеци). АППТ не презела активности за нивно понатамошно одржување, иако според договорот, релевантната проектна документација треба да биде достапна најмалку до крајот на 2026 година. Ваквата состојба го доведува во прашање принципот на одржливост и исполнување на договорните обврски.

Дополнително, констатирани се слабости во финансиското работење, управувањето и контролата, кои укажуваат на потреба од неодложно унапредување на интерните процеси и системот на внатрешни контроли. Неусогласеност на сметководствената состојба, отсуство на клучни евиденции и процедури, недоследна примена на прописите и нефункционалност на Советот во носењето на програмски документи.

Share This Article