Израелските напади врз Иран досега убиле најмалку 406 луѓе, а ранети се 654, објави организацијата „Активисти за човекови права“ со седиште во Вашингтон, која долги години го следи регионот. Иранските власти досега немаат објавено официјален број на жртви, објави Асошиејтед прес.
Израел интензивно го напаѓа Иран трет ден по ред и се закани со уште посилни напади откако некои ирански проектили ја пробија израелската противвоздушна одбрана, предизвикувајќи уништувања во централниот дел на земјата. Во Израел досега загинаа 14 луѓе, а 390 се повредени, откако Иран истрелал над 270 проектили, од кои, околу 20 не биле соборени, според израелски податоци.
Главниот аеродром во земјата и воздушниот простор се затворени од почетокот на конфликтот.
Иран денеска првпат го ракетираше Израел среде ден, продолжи и вечерва, додека, пак, израелските воздушни сили ги нападнаа иранските Министерство за одбрана и енергетска индустрија, при што Техеран е честа мета. Во досегашните напади биле убиени најмалку 14 ирански нуклеарни научници.
– Ако запрат израелските напади, и ние ќе запреме со нашите – кажа иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави за Еј-Би-Си дека САД би можеле да се вклучат во конфликтот, пред да ја увери земјата дека моментално не се вмешани.
– Израел и Иран би требало да склучат договор и тоа и ќе се случи. Јас ќе се погрижам за тоа. Ќе има мир наскоро. Да го направиме Блискиот Исток повторно голем – напиша Трамп на својата социјална мрежа.