Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека воените напади врз Израел се акт на самоодбрана и дека Иран не сака проширување на конфликтот кон соседните земји, освен ако не биде присилен.
– Нашата воена реакција е базирана на правото на самоодбрана – рече Арагчи, нагласувајќи дека нападите се одговор на претходните израелски воздушни напади, вклучувајќи го и нападот врз нуклеарниот објект во Натанц.
Тој побара од САД да ги осудат израелските напади и изрази сомнеж во тврдењето дека Вашингтон не бил вмешан.
– Ние не веруваме дека САД немаат улога во нападите врз нашиот нуклеарен објект – изјави шефот на иранската дипломатија.
Арагчи нагласи дека Иран останува цврст во ставот дека не поседува нуклеарно оружје, но истовремено го брани своето право на мирнодобска нуклеарна програма. Тој откри и дека шестиот круг преговори со САД бил откажан, но Иран бил подготвен да даде гаранции.
– Израел е противник на секое дипломатско приближување меѓу Иран и САД – додаде тој.