Операторите на електрична енергија нема да можат да ги исклучат ранливите категории граѓани кои не плаќаат струја во зимскиот период, предвидува новиот Закон за енергетика кој веќе е на сила. Обемниот документ од 300 страници содржи регулативи за т.н. фискални и нефискални мерки со кои треба да се регулира нешто што се вика „енергетска сиромаштија“.
Новитетите на брифинг со новинарите ги најави министерката за енергетика Сања Божиновска заедно со челници од ЕВН, ЕСМ и од МЕПСО.
Амбициозниот закон треба да ја стави Македонија на рамниште со најсовремените европски директиви. Преку апликации и дигитализација е замислено вмрежување меѓу корисниците, дистрибутерите и произведувачите на струја, што треба да ја зголеми улогата на корисникот кој ќе добива прецизни информации за трошењето или производството на струја.
– Ќе има воведување батерии за складирање струја. Во зима нема да може да ги исклучите оние кои нема да плаќаат, а ќе има и нефискални мерки за енергетска сиромаштија. Ќе има повеќе полначи за батерии за електрични возила и регулатива за нивно поставување. Секој ќе може да го смени операторот за енергетика во рок од 48 часа. Законот е имплементација на ЕУ директивите, особено во делот на чистата енергија. До 80% од паметните, односно „смарт“ броила граѓаните ќе треба да ги набават до 2031 година. Ќе има формирање и на граѓански заедници – изјави министерката на брифинг со новинарите во Едукативниот центар во Матка.
Паметните броила треба самите далечински да ја отчитуваат потрошувачката и се еден од клучните новитети во закнот. Се предвидува и детален план за инвестиции во енергетиката за следните 10 години.
Со новиот закон МЕПСО ќе биде под капата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.